скоро:

    follow me on Twitter

    вторник, февруари 07, 2006

    Една (не)цврста жена

    Штип. Соба во која ништо не потсеќа на 21 век. Нешто како типичен македонски дом во касните 70-ти и рани 80-ти години. Два кревета. Дрвена печка во која мораше да готви секој ден. Корнизот веќе се распагаше. Немаа пари да го поправат. Синот, тој да не купеше телевизор и тоа ќе немаа. Месо многу ретко си дозволуваа, уште помалку нешто да си купат за облекување. Тоа и не беше толку важно. Не е важно како живеат.

    Легна на креветот да размисли за целиот свој живот. Во последно време тоа и остануваше само - да размислува. И не сакаше да зборува со никој. Ниту со мажот и, ниту со роднините - личеше на тинејџерка. За ќерка и и синот не знаеше што да мисли - ќерка и ја мислеше за курва а синот малоумен. Не сакаше да мисли и си вообразуваше. Се сеќаваше на првите моменти од нејзиното детство кога немаше со кој да си игра затоа што браќата и не и беа кој знае какви браќа тие беа по 20 години постари од неа. Не знаеше ниту кога е родена. Мајка и и кажа дека е родена во тутун брање некаде пред војната. Успеа да отиде на школо до 4-то одделение и ја натераа да прекине. Мораше да помага по дома. Се сеќава кога татко и даде 5 овци и вреќа брашно на учителот за да не ја бара за да оди на училиште. Таа плачеше ама ништо не помагаше. Сакаше да се дружи, никој не беше ко неа - мајка и ја тераше да работи и ја учеше да готви уште од мала.

    Се омажи на 16 години за Митре кој и таа не го познаваше одамна. Го беше видела еднаш на чешма кога идеше од соседното село да продава на пазар. Не и се толку допагаше ама рекоа дека бил од добра и богата фамилија. Добра фамилија? Богата фамилија? Имаа 500 овци тоа и како е богатство, куќа на два 2 спрата, 5 декара тутун. Сите мислеа дека убаво ќе живее. Па и не беше толку лошо на почетокот, се додека не почна да се кара со свекрватa и кога двапати спонтано абортираше. Не можеше да си подари радост ниту себе си, ниту на мажот и. Уште помалку можеше да си задоволи оговарачките усти на другата снаа и на комшиките.

    Се нервираше. Беше љубоморна. Завидлива. Не можеше никој да поднесе. Ниту себе си...
    Испадна среќа... Cе зачна првото дете, после и второто. Решија да се преселат во Штип.

    Тоа требаше да е почеток на нивен нов живот. Донекаде и беше се додека не заглавија во еден Штипски текстилен комбинат кој ги направи постари и оглувеја уште пред да се осетат. За тоа време ќерката и синот веќе беа пораснале. Синот не беше ко другите - беше премногу повлечен. Не излегуваше, не го интересираа девојки, никој не му се јавуваше дома. Немаше пријатели. Ниту комшиските деца не го дружеа. Не можеа да ја најдат причината. Не можеше ни да му помогнат. Се што го интересираше е телевизорот и таксито кое го вози. Ќерката пак одеше 5 години со еден на кој му ја даде невиноста. Кога разбра таа ја сметаше за курва. Тоа не требаше така да биде. Невиноста требаше да биде само за мажот и. За никој друг. Како таа ќе се осмелеше да му каже на мажот дека е спиела со некој друг? што ќе речеше свекрвата кога ќе побараше бел чаршав? После ја убедија дека и тоа не е толку важно во денешницата...

    Раскина со него. Таа плачеше повеќе од ќерка и. Тој требаше да ја земе за жена. Таа му даде се. Му ја даде целата младост. Невиноста. Се.

    Остана сама неколку месеци и почна да излегува со друг. Рекоа дека бил наркоман. Наркоман? Не знаеше ниту што е точно тоа, знаеше дека е многу лошо. Рекоа дека се откажал многу одамна. Таа не знаеше што да мисли. И остана само тишина.

    Ги тераше синот и ќерката да се женат. Демек стари моми и стари ергени ќе останале. Се ожени ќерката. Не правеа свадба. Страдаше. Овој ја тепаше. Ја тераше да прават секс тогаш кога таа не сакаше. Не уживаше во тоа нешто. И беше баш како силување.

    Се разведоја. Мајката не можеше да ги поднесе оговарањата. Не можеше а да не ја колне својата среќа, среќата на мажот и, синот и ќерката. Не можеше ниту да замисли дека мажот и умира.

    И реши, реши да се самоубие.

    Таа беше една (не)цврста жена.

    3 коментари:

    GoodBytes рече...

    Супер.

    Анонимен рече...

    Тажно. Но тоа е просечната македонска жена, по малите градови. Жената, која не знае за ништо друго освен за работа, за обврски.. Никогаш не одвоила време за неа, го живее животот на другите. Навистина тажно. И на крај умира од тешка болест, или сама си го одзема животот. И која е смислата на животот нејзин. Понекогаш се чудам кога ќе видам сложно семејство, кое нема пари ниту за леб, едвај врзуваат крај со крај по дома, но за чудо им останала насмевката на лицата. Каде наоѓаат сила овие луѓе? Би рекла само едно- Алал да им е.

    Анонимен рече...

    Navistina tazno znaes me potsetuva na nesto sto mi se sluci mene znaes nekogas zivotot znae da bide takva kucka ama so velam ja jebi ga jebi narkomanite i sve po red